ВИДЕО: Започна второто полугодие од учебната година

Основците и средношколците од денеска се враќаат во училишните клупи. Кумановските училишта утрово подготвени ги пречекаа учениците со што се означи и почетокот на второто полугодие од тековната учебна година.

Најголем дел од училиштата се загреваат на еколошкиот енергенс – гас, останатите се уште практикуваат поинаков начин на затоплување, но, она што е важно е дека утрово во сите училишта во градот, но и во руралните среднини, училниците се затоплени, информира раководителот на Секторот за образование Александар Јовановиќ.

„ООУ „Толи Зордумис„ е подготвено за почетокот на второто полугодие. Изминативе денови беше извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училиштето. Исто така, извршено беше и генерално чистење на училиштето. Подготвени со радост и нетрпение ги очекуваме учениците во новото полугодие. Извршена е реконструкција на фасадата комплетно, а во исчекување сме со реновирањето на спортската сала. Со овој проект ги заокружуваме реновирањето и модернизацијата на училиштето“, изјави Дејан Младеновски, директор на ООУ „Толи Зордумис“

Учебната година ќе заврши на 10 јуни за сите ученици, освен за матурантите, кои ќе учат до 16 мај.

Оваа година нема да има пролетен распуст.