Изложба на слики од кумановката Живка Величковска

На 23.01.2025 / четврток/ со почеток во 19 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на слики од авторката Живка Величковска. Изложбата содржи триесетина дела работени во последните пет години.

Живка Величковска е родена 1954 год. во Куманово, дипломиран економист на Економски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, Скопје. Од 2019 година како пензионер се занимава со рачна изработка на украсни предмети од гипс, глина, хартија, со рециклирање и декупаж техники. Воедно и слика и користи различни техники, мотиви и бои, претежно акрил и темпера на различни подлоги. До сега има учествувано на две групни изложби на „Самоуки” кои традиционално се одржуваат во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Ова е нејзина прва самостојна изложба со нејзината омилена тема- цвеќе. Со оваа изложба сака да ги инспирира и поттикне сите креативни луѓе, без разлика на возраста и образованието да ја искажат и покажат својата креативност во областа на уметноста и рачната работа.

Изложбата ќе биде поставена до 05.02.2025 година.