Евроамбасадорот Михалис Рокас при вчерашната посета на Куманово посети и компанија која што со помош од проектот „ЕУ за економски раст“ придонесува во земјава да се имплементира принципот на циркуларна економија.
– Клучен елемент на Европскиот Зелен Договор е токму транзицијата кон циркуларна економија. Навистина е одлично што гледам дека оваа значајна идеја донесена на ниво на Европската Унија на одреден начин, се имплементира локално, токму тука во Куманово, изјави Рокас.
Преку споменатиот проект, имплементиран од канцеларијата на ГИЗ во земјава, беа доделени вкупно 4,19 милиони евра. Средствата ги добија 25 микро, мали и средни претпријатија во североисточниот, полошкиот и југозападниот регион, како и во општина Ресен.
Новите машини, што во „МИТ груп“ се обезбедени преку проектот „ЕУ за економски раст“, ја зголемуваат ефикасноста на производството, намалувајќи ја потрошувачката на електрична енергија и штетните гасови. Дополнително, во Куманово е воспоставена и проширена мрежа на неформални собирачи на отпад кои ќе помогнат за 400 тони годишно да се зголеми количеството рециклиран материјал.