ВИДЕО: Објавен јавен повик за помош на млади земјоделци
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес го објави јавниот повик 02/2025 за млади земјоделци од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој. Корисници се млади луѓе кои за прв пат започнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или преку воспоставување на ново земјоделско стопанство.
-Поддршката се доделува на млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години кои поднеле барање не подоцна од 18 месеци од денот на запишувањето на новото земјоделско стопанство или промената за истото во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Доделената финансиска поддршка е неповратен грант од 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци. Исто така, поддршка може да се додели во вид на авансна исплата до 40% од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација на инвестицијата – изјави Џабир Рамадани
„Оваа година се олеснија условите за користење на средства за оваа мерка, со цел што повеќе млади лица да ја искористат можноста да започнат да се занимаваат со земјоделство“, информираат надлежните. Предност ќе се даде на индивидуални земјоделци, членови на земјоделска задруга, жена млад земјоделец, на баратели со завршено образование од областа на земјоделството или ветеринарството, како и доколку целта на инвестицијата е набавка на земјоделска механизација, набавка на опрема за после бербени активности во растително производство, набавка на опрема за преработки на земјоделски производи или набавка на опрема за сточарско производство (производство на млеко, месо, јајца и нивни преработки).
Аплицирањето за оваа мерка се врши по електронски пат, односно сите заинтересирани ќе треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за инвестицијата и да ги прикачат сите потребни документи.
Барањата за финансиска поддршка можат да се поднесуваат најдоцна до деветти мај годинава, информираат надлежните.