Мицкоски: Владата го усвои Предлог-законот за соодветна и правична застапеност

„Денес, Владата го усвои Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, закон со кој отвораме ново поглавје на професионализам во јавниот сектор на државно и на локално ниво.

Овој закон има една јасна цел: администрацијата да биде вистински сервис на сите граѓани, но изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор.

За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард: знаење, интегритет и заслуги.

Овој Предлог-закон го доставуваме на разгледување до Венецијанската комисија – затоа што сакаме највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности.

Законот ќе биде поднесен до Собранието откако ќе го добиеме мислењето од Венецијанската комисија.

Силна и стручна администрација не е прашање на етничка припадност, таа е еднакво важна за секој граѓанин, без разлика од која заедница доаѓа.

Кога институциите се праведни и ефикасни, сите граѓани добиваат подобра услуга.

Тоа е темелот на трајна меѓуетничка доверба и вистинска сплотеност.

Законот е гаранција дека етничките заедници ќе бидат соодветно и правично застапени, но истовремено во таков еден процес тој ќе ги штити квалитетите на сите етнички заедници“, рече Христијан Мицкоски, претседател на Владата