ВИДЕО: Сведоштво на Драган Трајковски од Долно Којнаре за пожарот кој предизвика голема материјална штета
Огнени јазици и густ црн чад го обвиткаа вчера попладне селото Долно Којнаре од пожарот кој заради силниот ветер со голема брзина се прошири до куќите во маалото т.н. Палестина. Мештаните се уште видно вознемирени и исплашени денеска сведочат за нивната истрајна борба со огнената стихија, но, за жал и за последиците што ги претрпеа.
По пожарот, едно семејство остана без земјоделска механизација, електрични апарати за домаќинство, дрвена и ПВЦ столарија, целосно уништени се и родни дрвја, кај друго семејство опожарен е покривот на куќата.
-Ние седевме внатре, пиевме кафе и едната ќерка викаше надвор дека гори ридот, чадот оди кон куќите. Дуваше силен ветер и огнот се прошири кон мој дом и кон куќите на ќерките. Кај едната од нив има голема материјална штета, изгорени апарати за домаќинство, дел од земјоделска механизација, казани за печење ракија, столарија, ламинат, велосипед…
„Сите ме велеа бегај, ама јас каде ќе одам кога куќата ми е тука, немам каде да одам. Јас гасев до последниот момент, се грижев електричниот столб да не се запали“, сведочи Трајковски.
Иако немало вода во селото, благодарение на резервите со вода од 700 литри што ги чувал во помошен објект, 78-годишниот Драган Трајковски во еден момент сам се борел да го спаси домот од огнот.
За краток временски период, пристигнале и екипи на Територијалната противпожарна единица.
-Имаше три пожарни и цистерна. Гасеа колку можеа. Страшно беше, оган голем, пламен до три метра во висина одеше. Јас сум среќен што поминав добро, но, за децата ми е многу жал, имаат многу голема штета, но, тоа е што да се прави, да сме живи и здрави, вели Трајковски.
Граѓаните кои што претрпеле штети од последните пожари во кумановско, ќе можат да поднесат барање за обештетување од општина Куманово, во периодот од 14 до 25 јули годинава, информираа денеска од локалната самоуправа.
Потребната документација треба да ја достават во Архива на Општина Куманово, а ќе ја разгледа Комисијата за проценка на штети. Копија од лична карта, од трансакциска сметка, од имотен лист, фотографии од опожареното, контакт телефон е она што засегнатите граѓани треба да го достават до Архивата.