Превентивна кампања за поголема јавна свест за спречување на телефонските измами
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово денеска (21.08), во централното градско подрачје во Куманово спроведоа превентивна кампања со цел подигнување на јавната свест за спречување на телефонски измами, информираат надлежните.
Според СВР Куманово, во непосреден разговор со граѓаните им биле поделени совети за препознавање и спречување на измами, при што посебен акцент бил ставен на таканаречените „лажни сообраќајни незгоди“, односно случаи кога измамници се јавуваат на телефон, се претставуваат најчесто како полицајци, адвокати или доктори и лажно тврдат дека член на семејството предизвикал сообраќајна незгода, по што бараат пари за да избегнат, одговорност, односно затворска казна.
„Особено им беше укажано во вакви ситуации да останат прибрани, да не предаваат пари на непознати лица и веднаш да пријават сомнителен повик на броевите „192“ и „112““, соопшти полицијата.
Со ваквата превентивна активност Отсекот за превенција има за цел да ја зголеми информираноста и внимателноста на граѓаните, како и да ја намали можноста тие да станат жртви на вакви кривични дела.