ВИДЕО: Додевски: Зголемен број на откриени кривични дела во првите шест месеци годинава споредбено со лани

„Во првата половина од 2025 година, во делот од областа на криминалитетот регистрирани се 685 кривични дела. Во однос на претходната, 2024 година станува збор за зголемен број на откриени кривични дела во првите шест месеци годинава за 29,2 проценти“, информираше в.д.командирот на Полициска станица од општа надлежност Куманово, Томислав Додевски, на седница на Советот на општината.

Презентирајќи ја Информацијата за преземени мерки и активности од страна на Полициска станица од општа надлежност Куманово во текот на првото полугодие од 2025 година, Додевски истакна дека во првото полугодие од 2025 година намален е и бројот на сообраќајни незгоди споредбено со истиот период лани. Во 2025 година евидентирани се 206 сообраќајни незгоди, претходната година – 224. Годинава, во сообраќајни несреќи загинати се две лица, со тешки телесни повреди се здобиле 22 лица, со лесни повреди- 96. Во 86 сообраќајни незгоди констатирана е материјална штета. Издадени се 1943 прекршочни платни налози, 1664 возила биле исклучни од од сообраќај заради возач под дејство на алкохол, без возачка дозвола или  и возач почетник.  

Регистрирано е и намалување на делата во однос на нарушување на јавниот ред и мир за 9,8 проценти во однос на лани.  Во првите шест месеци од годинава евидентирани се 221 пријава во однос на 245 за нарушување на јавниот ред и мир во претходната година.

„Безбедноста во Куманово е стабилна и поволна без индиции за нејзина промена и гарантира безбедност за сите граѓани“, истакна Додевски.

Надлежните во СВР Куманово во првата половина од годинава, евидентирале и 25 пријави од граѓани кои што биле каснати од бездомни кучиња на улиците во градот, за кои, по службена должност била известена Општина Куманово за понатамошно постапување и преземање на мерки.

„Извршени се 67 контроли на угостителски објекти, ресторани, кафе барови, казина и сл., во однос на недозоволена трговија со дрога поднесени се 50 кривични пријави по член 215 односно за дрога и една по член 216. Поднесени се пријави и за „питачење“, а питачи биле деца на возраст од 3 до 12 години, соопшти в.д командирот Томислав Додевски.

По презентираната Информација, дел од советниците упатија критики до СВР Куманово за поголемо присуство на полициските службеници на терен, патролирање во градот, особено во населбите, ослободување на тротоарите од непрописно паркираните возила.

Видеото по вестите во 18 часот.