Кумановци деновиве имаат можност во Галеријата при Музеј Куманово да ја посетат изложбата „Убавините на планетата“, која обединува 63 уметници од 25 различни земји.
На поставката се претставени најразлични техники и медиуми – од сликарство и фотографија, до дигитална уметност, калиграфија и дизајн .
Организаторите истакнуваат дека целта е преку уметноста да се прикаже богатството на културите и природата, но и да се поттикне размислување за нивната заштита.
Настанот се реализира со поддршка на Институтот L’Art International од Иран, институција која со години работи на меѓународно поврзување на уметници и промоција на креативни таленти.
Со своето долгогодишно искуство и присуство на бројни престижни настани во Европа, Азија и Америка, Институтот има значајна улога во поттикнување на културниот дијалог.
Куратори на изложбата се Абдолреза Рабети, Јаготка Томовска и Азамосадат Мохамад Бегбан.