Во Занаетчиски дом денеска се одржа завршен настан од проектот „Мостови на соработка” на Центарот за ромска заедница „Дром”, во координација со СОУ „Перо Наков“ од Куманово и „Мултикултура” од Тетово.
„Пред присутните се обрати професорот -ментор на учениците од кумановското средно училиште, потенцирајќи го значењето на проектот, преку кој младите учат да ги надминуваат разликите и да градат нови пријателства. Во изминатиот период се одржаа четири работилници, во кои низ дискусии и тимски активности се дебатираше за меѓуетничка толеранција, стереотипи, дискриминација и предрасуди. Учениците поентираа со зрелост и подготвеност отворено да дискутираат на теми, кои се избегнуваат во секојдневниот живот, докажувајќи дека младите можат да градат иднина исполнета со разбирање, толеранција и мир. Од работилниците произлезе Меморандум за соработка помеѓу СОУ „Перо Наков” и СОУ „Ѓоце Стојчевски” – Тетово, со цел континуитет во реализација на заеднички проекти. Денеска беа заокружени проектните активности со културно-уметничка програма, подготвена со љубов и ентузијазам од учениците. Преку ревија, музика, поезија и танц беше пренесена пораката дека убавината е во различноста, а толеранцијата е темел на човештвото“, објави Општина Куманово.
