ВИДЕО: Празнична програма на Фондацијата и Секторот за култура и спорт
Надлежните од Фондацијата за култура и спорт и Секторот за култура при Општина Куманово денеска на прес-конференција ги најавија културно- уметничките и спортски активности по повод Денот на ослободувањето на Куманово, 11 Ноември.
„Програмата е богата и е за сечиј вкус, за сите генерации. Се состои од повеќе спортски активности, промоции на книги и концерти, а најважно за одбележување на празникот 11 Ноември е мега концертот кој ќе се одржи на 10 ноември на градскиот плоштад со почеток во 20 часот. Концертот ќе го отвори локалниот изведувач Лука Чомбе, по него ќе следуваат Еда Јакупи и Бесим Мифтари, исто така од Куманово. Вториот дел од концертот ќе го отвори Калиопи, а ќе го затворат Слаткаристика и Тони Зен. На 11 ноември, на Спомен Костурница ќе има чествување на празникот и оддавање почит на загинатите борци со положување свежо цвеќе каде делегации од Општина Куманово, Советот на Општина Куманово, делегации од амбасадите во Македонија, збратимени градови, ќе положат свежо цвеќе. Во 12 часот за прв пат ќе се одржи свечена седница во салата на Занаетчискиот дом со богата културно-уметничка програма“, изјави Давидовиќ.
„Годинава нема да бидат доделени ноемвриските награди. Бевме во изборен процес. Нашите советници се уште ги немаат добиено од изборната комисија решенијата, со оглед на тоа нема да имаме награди, но затоа градоначалникот ќе додели благодарници за сите значајни личности од Општина Куманово. Има премногу и спортски и културни настани и изложби, целата месечна програма започнува на 3 ноември и завршува на 28 ноември“, изјави Крстевски.
Видеото со изјавите од Сања Давидовиќ, директор на Фондација за култура и спорт и Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура и спорт, по вестите во 18 часот.