На малиот плоштад пред зградата на УЈП во Куманово денеска се одржа мирен протест поради ретроактивно оданочување на граѓаните со приходи од странство. Оданочувањето се однесува на периодот од 2020 до 2025 година.
Протестот беше најавен од кумановци кои изминатите години работеле или се уште работат во воените зони во Ирак и Авганистан. Граѓаните реагираат бидејќи добиле даночни решенија со кои УЈП им бара да платат персонален данок на доход за плати и примања што ги оствариле во странство.
-Јасно кажуваме, ние не бегаме од даноци, а не сме и против плаќање на даноци, но нема да прифатиме неправда, селективни примени на закон и уцени спакувани како информативни пресметки и решенија. Во изминатите две-три недели УЈП не контактираше сите нас, некои писмено, некои телефонски и ни доставија пресметки за доход од 2020 година пет години подоцна и сметаме дека УЈП направила сериозни пропусти во постапките и тоа: не постапила навремено со евидентирање на приливите, не донела решенија во текот или наредната година, не обезбедила навремено и уредно информирање на граѓаните, изјави Зоран Наковски, кој се обрати во име на сите печалбари и нивните семејства.
УЈП појаснува дека граѓаните нема да бидат двојно оданочени ако за истиот доход платиле данок во странство.