55 годишниот К.Т. е кумановецот кој што утрово со прострелна рана во пределот на главата беше пронајден во ходник од зграда на булеварот Октомврски револуција број 22. Безживотното тело со пиштол во десната рака , според информациите на Основното јавно обвинителство , било паднато пред влезната врата на станот на градоначалникот Зоран Дамјановски на вториот кат во зградата. Утрово станбениот објект беше под силно полициско обезбедување и строго се контролираше влезот во зградата. Увидот траеше повеќе од два часа, по што телото е предадено за обдукција на Институтот за судска медицина. Зависно од резултатите од обдукцијата ќе биде оквалификувано кривичното дело, велат од обвинителството. Инаку, од местото на настанот подигнати се и траги за вештачење, а ќе се вештачи и пиштолот кој што е најден во раката на кумановецот. Нема информации дали имало очевидци на овој трагичен настан, а телото на починатиот , кој што не живеел во зградата е забележано од станар, случаен минувач. Истрагата треба да утврди што точно се случило утрово во ходникот од зградата. Случајот бил пријавен во кумановската полиција во 7 часот и 35 минути.