Тројца малолетници се затруле со вдишување на лепак, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Според полицијата, вчера околу 10:40 часот во СВР Куманово е пријавено дека на улицата „Професор Мијалковиќ“ пронајдени се три деца кои не реагирале на допир ( 15-годишно девојче и нејзините браќа на возраст од 12 и девет години) и кои што најверојатно биле затруени со вдишување на лепак. Тие се пренесени во Општа болница Куманово за укажување на лекарска помош. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Во врска со настанот, од Општата болница Куманово информираат дека децата вчера кај нив биле донесени со возило на Итната помош во стабилна состојба, но запуштени, свесни, со дискретно проширени зеници и испади на бес и хистерично смеење.
„По извршените прегледи родителите не дозволија да се направат дополнителни анализи за да се утврди што ја предизвикало нивната состојба. Упатени се на Клиниката за детски болести – Оддел за токсикологија, за токсиколошки анализи, како и на Детска психијатрија“, велат од болницата.
Случајот е пријавен и во Центарот за социјални работи во Куманово за понатамошно постапување.
„Децата веќе се евидентирани во нашиот систем поради питачење, но сега е отворен нов предмет и денеска родителите се повикани на разговор, велат од Центарот за социјални работи Куманово.