Кумановци денеска уште еднаш покажаа дека се хумани и дека со својата дарувана крв сакаат да спасат нечиј живот. Во организација на здружението Спортско-риболовно друштво „Мак Дам“ , а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и општинската организација на Црвениот крст од Куманово денеска се одржа крводарителска акција во просториите на Центарот за култура. Станува збор за редовна доброволна акција која секоја година се организира во јануари или февруари месец, велат организаторите. И годинава, како и лани имаше голем интерес за дарување крв од членовите на рибарското здружение, но и од други граѓани на Куманово кои што се повеќекратни дарители. Меѓу нив е и Тихомир Спировски од рибарското здружение „Мак Дам“.
-Минатата година во акцијата имавме собрано над 130 крвни единици и бевме рекордери во државата. Во акцијата има и наши членови, јас имам над 107 пати дадено крв, но има и редовни други граѓани, ова е отворена доброволна акција и ги покануваме сите. Имаме тука крводарител кој има над 115 пати дарувано крв, има рекордери над 110 дарувано. Ова е хумана работа и корисна, јас двапати годишно давам редовно крв, добро е за прочистување, за регенирање на крвта, за спасување нечиј живот, изјави Тихомир Спировски, член на „Мак Дам“
Институтот за трансфузиона медицина располага со доволни количини крв и крвни компоненти за задоволување на потребите на здравството, посочуваат надлежните.
-Досега има околу 50 дарители. Имаме очекувана бројка дека ќе стигнеме до сто дарители. Акцијата се одвива до 16 часот и е за сите граѓани на Куманово. На ниво на државата имаме Годишен план на крводарителски акции кој што го правиме тековно. Залихите на крв, можам да се пофалам дека се секогаш на завидно ниво, да, се случуваат периоди каде што некои крвни групи кои се поретки, значи негативните крвни групи, меѓутоа имаме добра организација и добра соработка со Црвениот крст така што не се оставаме на момент да на некој му фали крв или некој пациент не ја добие потребната единица крв, изјави д-р Ефтим Димитровски од Институт за трансфузиона медицина Скопје
Крводарителите велат – колку помлад почнуваш да даруваш крв, толку подобро, а освен тоа, крводарителството носи и бенефити, ако имаш повеќе од десет пати дарувано крв имаш партиципација во здравството.
-Јас сум редовен крводарител, денеска дарувам 50 -ти пат крв и порачувам на сите кои што можат да се приклучат на крводарителското семејство бидејќи станува збор за хумана работа, изјави Слаѓан Каранфиловски, крводарител
Минатата година на првата редовна крводарителска акција организирана од здружението „Мак-Дам“ биле собрани вкупно 139 крвни единици.
