Протестот на кумановци кои што изминатите години работеле во американските бази во Ирак и Авганистан продолжи и денеска пред зградата на Управата за јавни приходи. Во очекување се на официјален одговор од директорката на УЈП Елена Петрова дали ќе биде прифатена поканата за средба во Куманово на која би се разговарало за решавање на проблемот.
Засегнатите граѓани кои што периодов добиле решенија за ретроактовно оданочување повторија дека не се против плаќање на данок, но се против присилна наплата, против селективно толкување на законите и против одбивање на доказите кои што уредно ги доставиле до УЈП.
Воедно се заблагодарија на градоначалникот Максим Димитриевски што посредувал во комуникацијата со директорката на Управата.
Протестот е поддржан и од нивни колеги од Тетово, Скопје и останати градови.
Во Куманово протестот продолжува в понеделник пред зградата на Општината во периодот од 14 до 16 чааот, а во вторник и в петок кумановци ќе дадат поддршка на протестите во Тетово.