Во организација на здружението „Порака Наша“ и Општина Куманово денеска во Занаетчиски дом се одржа панел-дискусија со наслов „Животот со попреченост – предизвици, поддршка и инклузија“.
На дискусијата се разговараше за достапните социјални услуги и институционална поддршка за лицата со попреченост, права, можности и предизвици со кои се соочуваат лицата и нивните семејства, развој, достапност и квалитет на социјалните услуги, независно живеење и поддршка во заедницата, улогата на државните институции, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, како и намалување на стигмата, предрасудите и социјалната исклученост.
Панелисти беа министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, Ивана Ѓорѓиевска – претседателка на Советот на Општина Куманово, Оливера Станковиќ од Заводот за социјални дејности, проф. д-р Владимир Илиевски – социјална работа и социјална политика и Марија Стоилковска – дипломиран политиколог.
Цел на настанот е поттикнување отворен и конструктивен дијалог, подигање на јавната свест за правата и можностите на лицата со попреченост и унапредување на соработката меѓу институциите, семејствата и граѓанскиот сектор, со посебен акцент на инклузијата и независното живеење.
Родителите на деца и лица со попреченост активно бараат законско воведување и признавање на статусот „родител-негувател“.