Субвенционирање на плати и Обука кај познат работодавач се двете мерки за кои Агенцијата за вработување објави јавен оглас на први ноември годинава наменет за правни и физички лица. Мерките се во рамките на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија, а врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година.
Со мерката субвенционирање на плати се предвидува финансиска поддршка на работодавачите од микро, мали и средни фирми, како и на социјални претпријатија и граѓански организации .
Со мерката обука кај познат работодавач се дава можност невработените лица да се вработат преку обука кај конкретен работодавач во период од 3 месеца, информираат надлежните. Огласите за активните мерки се отворени до исполнување на предвидениот опфат на корисници, односно до искористување на ИПА средствата наменети за оваа мерка.
Инаку, претходно, на 24 октомври годинава беше објавен јавен оглас и за мерката Практиканство кој ќе трае до 10 ноември. која се однесува на младите, невработени лица до 29 години, евидентирани како активни баратели на работа, кои имаат завршено минимум средно образование, а немаат работно искуство.
Мерката се реализира во период од 3 месеци кај работодавачи, а младите невработени лица за тој период стекнуваат практични работни знаење и вештини, потребни за извршување на одредени работни задачи на конкретно работно место.
Податоците од Агенцијата за вработување говорат дека во Куманово бројката на невработени лица е над 11.000.