„Една од мерките договорени на кризниот штаб веќе е ставена во функција“, истакна Александар Лазаревски, началник на униформираната полиција при Полициската станица од Општа надлежност Куманово, на денешната седница на Советот на Општината.
Во понеделникот во просториите на Општината се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со актуелната состојба со опожарување на депонијата Краста и други активни пожари, превенција на пожари на територијата на Општина Куманово и на регионално ниво. На состанокот беа донесени повеќе заклучоци во форма на препораки и задолжувања. Една од препораките се однесуваше и на Секторот за внатрешни работи Куманово
-Се задолжува Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово заедно со СВР Куманово да организира тимови за позорна дејност во форма на патроли, кои ќе бидат распоредени за контрола на најкритичните локации во градот, со зачестена појава на опожарување од страна на несовесни граѓани. Тимовите да бидат во состав од еден полициски службник и еден инспектор или редар од Сектор за инспекциски надзор, кои ќе работат во две смени.
„Од денеска од осум часот веќе патролите заеднички почнаа да функционираат со комунална инспекција, сега засега по една патрола. Од понеделник се договоривме дека доаѓаат од одмори повеќе редари и комунални инспектори, ќе ги засилиме со по две патроли коишто ќе имаат задача да ги спречат овие лица. Доколку пак ги начекаме на лице место, истите ќе бидат приведени и ќе се спроведе сета онаа постапка како што се работи за расчистување на таквиот начин“, истакна началникот Лазаревски, во однос на препораката од Општинскиот штаб за заштита и спасување.