Со Претставата „Смрт на погребот“ на Театар Куманово, во режија на Ненад Витанов вечерва ќе биде отворено 29-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“.
На сцената на Центарот за култура деновиве ќе бидат изведени единаесет претстави на театри од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Бугарија, а десет од нив ќе се натпреваруваат за една од повеќето награди по категории (за најдобар актер, актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија, за најмлад актер), кои ги доделува организаторот на фестивалот, НУЦК „Трајко Прокопиев“- Куманово.
Публиката од вечерва до петти октомври ќе има можност да ги проследи претставите: „Смрт на погребот“ на Театар Куманово,„39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, „Болва во уво“ на Драмскиот театар од Скопје, „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија, и „Секстет“ на Битолскиот театар и претставата „Не можам да платам, не сакам да платам“ на кумановскиот театар.
Лауреатот на годинешното издание на фестивалот, Игор Џамбазов – истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите уметници на македонската сцена, вечерва на свеченото отворање на „Денови на комедија 2026“ ќе ја прими престижната награда „Васил Иљоски“, за особен придонес во театарската уметност.
Претставите ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура со почеток во 20 часот.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам со 800.000 денари и дополнителни 400.000 денари од Општина Куманово, како и од општествено- одговорни компании и поединци.