Во организација на Здружението на виши и средни медицински сестри, техничари и акушерки при ЈЗУ Здравствен дом – Куманово викендов на градскиот плоштад се одржаа активности во рамки на проектот „Заштити ја својата кожа – прегледај се навреме! Раното откривање спасува живот!”
Граѓаните имаа можност да добијат бесплатен дерматолошки преглед, со цел навремено откривање на промени на кожата и подигање на свеста за значењето на редовните прегледи. Од вкупно реализираните 70 прегледи, кај 12 граѓани се регистрирани промени на кожата, кои укажуваат на базоцелуларен карцином и бараат ран третман и лекување на повисоко ниво. На присутните им беа поделени едукативни брошури и промотивен материјал, со насоки за самопреглед на кожа, заштита од сонце и редовни контроли кај дерматолог.
Финансиската поддршка на проектот е обезбедена преку Јавен повик за финансиска поддршка за спроведување на превентивно – промотивни активности за унапредување на здравствена заштита, преку Општина Куманово.