„Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“ е главната порака на новата општествено одговорна кампања во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“, која започнува денеска (29.10.2026), а ја спроведува ОКТА во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
„Безбедноста во сообраќајот започнува со почитување на правилата, но и со свесност дека секоја наша постапка може да влијае врз другите. Возачите треба постојано да ја следат сообраќајната ситуација, да ги проверуваат ретровизорите и мртвите агли и да не дозволат мобилниот телефон или други фактори да им го одвлечат вниманието. Истовремено, сите учесници треба да бидат внимателни и одговорни во своето движење. Преку поддршката на кампањата „Јас внимавам“ сакаме дополнително да ја нагласиме важноста на превенцијата и на одговорното однесување во сообраќајот“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Секојдневното учество во сообраќајот бара постојано внимание, добра процена и одговорност. Затоа е важно да не се потпираме на претпоставки, туку да провериме уште еднаш, да го насочиме вниманието кон патот и да бидеме свесни за сите околу нас. Со ваквите иницијативи сакаме да поттикнеме сообраќајна култура во која секој учесник се грижи не само за сопствената, туку и за безбедноста на другите“, изјави Горан Ангеловски, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.