Постојните веб-страници и мобилни апликации на институциите од јавниот сектор треба да се усогласат со стандардите за дигитална пристапност до 31 декември годинава во согласност со Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации – истакна денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, обраќајќи се на настанот по повод Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, пренесе МИА.
– За слепите и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ. Тоа значи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци – рече Андоновски.
Министерот потсети дека Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор беше донесен во Собранието минатата година, со примена од 1 јули 2026 година, со што домашната регулатива првпат се усогласува со Европската директива 2016/2102.
Фото: МОН