Октомври е месец посветен на борбата против рак на дојка. Целта на Розовиот октомври е да ги поттикне жените (и мажите) да ги извршуваат рутинските прегледи на дојките, да бидат свесни за симптомите на ракот на дојка и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.
Превенцијата на ракот на дојка опфаќа примарни и секундарни превентивни мерки. Примарната превенција има за цел намалување на ризикот од појава на болеста преку елиминирање или намалување на факторите на ризик., а пак секундарната превенција има за цел откривање на болеста во најрана можна фаза, кога можностите за успешно лекување се најголеми. Таа вклучува: подигнување на свеста за симптомите на ракот на дојка, редовни клинички прегледи на дојките, мамографски скрининг кај жени во препорачаните возрасни групи, ултразвучен преглед и магнетна резонанца кај жени со висок ризик, според препорака од специјалист.
Организираните скрининг-програми, здравствената едукација и навремената дијагностика претставуваат клучни мерки за намалување на смртноста и подобрување на преживувањето кај пациентките со рак на дојка. Развојот на современи дијагностички и терапевтски методи, заедно со мултидисциплинарниот пристап во лекувањето, овозможуваат сè поголем број жени успешно да ја надминат болеста и да имаат добар квалитет на живот.