Кумановци кои што работеле во американските бази во Ирак и Авганистан денеска по четврти пат излегоа на протест пред зградата на Управата за јавни приходи во Куманово. Велат, остануваат на своите барања кои беа претходно објавени – да бидат ослободени од плаќање данок, бидејќи 183 дена биле надвор од државата, а воедно компаниите за кои работеле веќе платиле данок во матичните држави, УЈП по службена должност да обезбеди потврди од даночните служби на Ирак и Авганистан, а во меѓувреме донесените решенија да бидат запрени за да не се соочат со присилна наплата.
Засегнатите кумановци на вчерашниот протест јавно побараа средба со премиерот Христијан Мицкоски, со директорката на УЈП Елена Петрова и со градоначалникот Максим Димитриевски, но се уште немаат одговор од надлежните.
„Нема ништо ново во однос на вчера. Никој не ни се јави, никој не не побара да ги слушне нашите барања“, кажаа граѓаните.
Како што е најавено, протестот со блокирање на крстосницата пред зградата на Управата за јавни приходи продолжува до петок неделава.