Куманово денеска го чествува Денот на ослободувањето, 505 години од постоењето и 80 години слободно Куманово. По тој повод, традиционално се одржа свечена седница во големата сала на Центарот за култура.
-На ова парче земја векови наназад живееле Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Грци, Бугари, Власи, некои освојувале, некои се бранеле, но сите живееле и оставале свој печат низ градот. И токму затоа темпераментот, карактерот на Куманово е уникатен. Досетливи сме, гостопримливи, шегобијци, нудиме многу, се даваме во се, но се додека сме почитувани и слободни. Не сакаме узди, не сакаме пранги, не трпиме терор и ропство. Тогаш се буди генот и започнува бунтот, непокорот и се раѓаат херои, водачи на востанија, на ослободувачки битки, на слобода, рече Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово
Реализираните проекти на општина Куманово во период од една година присутните ги проследија преку 20-минутна видео презентација.
-Достоинствено го одбележуваме овој значаен датум знаејќи дека имаме света обврска да го чуваме оваа парче земја од причина што имаме една татковина. Не можеме и нема да ги заборавиме тој 11 Ноември далечната 1944 година со црвени букви запишан на градите на херојската македонска историја кога Куманово го дочека среќниот момент на ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Светиот аманет е наша должност и обврска да ја сочуваме и унапредуваме Македонија, македонскиот јазик, идентитет, со цел оваа да продолжиме да го живееме секојдневно. Со почит кон народните борци и херои, кои ја одиграа најзначајната животна улога за слобода на нашата татковина остануваме неприкосновени во заштита на вредностите на наше Куманово, кажа Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово
Пред присутните се обратија и советниците Самет Салиевски, Хузер Мустафи и Саша Николиќ на својот мајчин јазик.
Во име на добитниците на најпрестижното признание кое го доделува општина Куманово за врвни достигнувања на поединци, група граѓани или претпријатија, Ноемвриска награда, во центарот за култура говореше Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на Македонија.
Добитници на Ноемвриска награда за 2024 година се:
-Никола Давидовски, естраден уметник во пензија,
-Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на РСМ и менаџер на фирмата Модна куќа „Стил” – Куманово,
-Столе Димитриевски, спортист, голман на фудбалската репрезентација на Македонија,
-НУ „Музеј” – Куманово,
-здружение за ликовна уметност „Форма Куманово”,
-хуманитарна организација „Крепост”.
Наградата се доделува на поединци во вид на диплома и паричен износ и на правни лица во вид на диплома, кои дале свој придонес во повеќе сфери на општественото живеење.
Општина Куманово додели и неколку благодарници на истакнати личности за постигнати резултати во афирмирање на градот во различни општествени области, меѓу нив Боби Серафимовски, Гоце Илиќ и заедницата на станари „Сума“.
Ноемвриската награда како највисоко општинско признание за прв пат е доделена во 1967 –та година.
На свеченоста по повод 80 години од ослободувањето и 505 години од постоењето на Куманово присуствуваа членови на сојузот на борци, министри, амбасадори, поранешни и актуелни градоначалници, советници, претставници на АРМ, МВР, делегации од збратимените градови, јавни институции, претпријатија.