Ученици од средното општинското училиште „Перо Наков“ денеска во рамките на Медиумскиот ден за средношколците ја посетија Телевизија Плус. Медиумскиот ден и годинава се организира во рамки на проектот: „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти“.
Професорката по македонски јазик и литература, Фросина Милошевска смета дека медиумската писменост е од голема важност и дека учениците треба да стекнат знаења и способности со помош на кои ќе знаат како да ги идентификуваат различните типови на медиуми и да ги разберат пораките кои се испраќаат преку тие медиуми.
„Во денешно време сме преплавени од информации кои ни се пласираат преку разни извори. Голем дел од тие информации и не се информации, туку дезинформации кои имаат за цел да се манипулира со јавноста или да се остварат одредени цели. Медиумската писменост им помага на младите да научат да размислуваат критички, да ја разберат целта на авторот и пораката. Неопходно е да се развиваат вештини кои ќе ни помогнат да ги разбереме пораките и успешно да ги користиме сите алатки што ни се на располагање за креирање сопствени пораки“, изјави Милошевска.
„Ја посетивме локалната телевизиска куќа ТВ Плус и се запознавме со работата на новинарите, уредниците, презентерите. Имавме можност да слушнеме како се креираат вести,како да препознаеме лажни и неточни информации и како да се заштитиме од нив“, изјави Лана Ламбаша, ученичка во СОУ „Перо Наков“.


