Телевизија Плус е добитник на највисокото општинско празнание Ноемвриската награда, која се доделува по повод Денот на градот, 11-ти ноември. Комисијата одлучи медиумот да ја добие наградата поради повеќегодишно објективно, професионално, навремено информирање, но и посебниот придонес при започнувањето на пандемијата, кога телевизијата организираше контактна емисија, преку која редовно ги информираше граѓаните за новонастанатата состојба.

Пет години навремени, точни, актуелни, објективни информации за секојдневните случувања во Куманово, но и во поширокиот регион. Во овој период медиумот се етаблираше како непристрасна телевизија, која се грижи за проблемите на граѓаните. И во пандемијата предизвикана од коронавирусот, гледачите имаа можност да следат отворена, контактна емисија „Студио плус“, во која добиваа информации за справувањето со новонастанатата состојба. Телевизијата активно се вклучи и во донаторски и хуманитарни акции. Ова е само дел од она што ја одбележува кумановската локална телевизија Плус, која годинава е добитник на најпрестижното општинско признание, „Ноемвриската награда“, по повод 76 години од ослободувањето на градот и 501 година постоење.
На 25-ти март 2015 година за прв пат беше пуштен телевизискиот сигнал за да веќе од први април започне емитувањето на програмската шема. Локални проблеми, инвестиции и изградби, избори, премиери, спортски и музички успеси, концерти и слично се темите кои што граѓаните можеа да ги слушаат во информативната програма на телевизијата. Покрај Дневникот добропозната, гледана но и коментирана е и дебатната емисија Став, во која секој петок високи функционири од локално и државно ниво, одговараат на прашања кои што ги засегаат граѓаните. Гордост на телевизијата е лично продуцираната хумористична емисија „Нема љутиш“, која како претходните години продолжи да се емитуваат на повеќе локални и регионални медиуми, како и на добропозната национална телевизија.
Изминативе години успешно продолжи да се реализира и магазинот на српски јазик Компаритив, кој е дел од проект, во кој соработува медиумот со Министерството за култура и информации на Република Србија. Преку него, се пренесуваат информации кои ја засегаат српската заедница во Куманово и државата. ТВ Плус уште на самиот почеток од формирањето, доби дозвола за работа и емитување на програма на српски јазик и на тој начин стана прв медиум во државата кој има право и можност да прикажува ваква програма без превод.
Последнава година кумановци имаат можност да ја следат и емисијата „За Куманово“, во која искусни личности ги споделуваат своите успеси, зборуваат за градот и минатото.
Тимот на телевизија Плус искрено им се заблагодарува на гледачите кои што ни ја даваат поддршката, и не поттикнуваат да работиме според новинарските стандарди. Благодарност и до сите соработници и подржувачи.
Ноемвриската награда е заедничка!
Ваша ТВ Плус!