(ВИДЕО)Димитриевски со најмногу гласови во првиот круг од локалните избори

Максим Димитриевски, независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ според Државната изборна комисија, освои најголем број гласови на локалните избори. ДИК официјално објави дека Димитриевски освои 32,79 отсто од гласовите или вкупно 15.164 гласови.

Димитриевски синоќа заедно со приврзаниците од градскиот плоштад најави дека влегува во вториот круг од локалните избори 2021. Тој кажа дека води пред останатите кандидати, според обработените податоци.

– Ние ја добивме најголемата поддршка од граѓаните на Куманово без разлика на нивната партиска припадност. Нашиот концепт е од граѓаните за граѓаните. Нашата цел е да ја добиеме поддршката, да бидеме легитимни претставници на сите граѓани на нашиот град. Секоја политичка поддршка е добредојдена, а оттука па натаму граѓаните се тие кои одлучуваат. Во вториот круг граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ ќе победи убедливо за Куманово и кумановци. Ќе ставиме крај на многу лоши навики во нашиот град и нашето општество. Македонија има право и мора да се менува. Куманово го следи трендот и секогаш бил предвесник на големи промени, рече Максим Димитриевски, кандидат за градоначалник на општина Куманово од граѓанска иницијатива „За наше Куманово“

Со минимална разлика, веднаш по Димитриевски, според ДИК, е кандидатот на СДСМ и коалицијата Оливер Илиевски кој има 32,74 отсто од гласовите, или освоил точно 15.142 гласа. Илиевски рече дека оди во втор круг со Димитриевски со изедначен резултат.

– Заедно со Максим Димитриевски одиме во втор круг. Имаме изедначен број гласови со тоа што се обработени 97-8 проценти од бројот на гласовите, се менуваат бројките 30, 40 за едниот, другиот така што во вториот круг одиме со изедначен резултат. Дел од гласовите на ВМРО ДПМНЕ отидоа кај Димитриевски, така што мислиме дека на толкав број на гласови ќе остане и во вториот круг, изјави Оливер Илиевски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски освоил 18,56 проценти од гласовите или 8.582 гласови.

Беким Салиу, кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива има 9,20% или 4.257 гласови, додека Теодора Димитровска како кандидат на коалицијата ЛДП и ДОМ има освоено 1.028 гласови или 2,22 отсто.

Согласно гласовите, во Куманово ќе се одржи втор круг од изборите на 31-ви октомври, кога граѓаните ќе треба да одлучат кој од двајцата кандидати Димитриевски или Илиевски ќе ја добијат нивната поддршка.

Што се однесува до кандидатите за советници, листата на коалицијата на СДСМ, предводена од Атина Мургашанска освои најголем број на гласови на локалните избори.

СДСМ има освоено над илјада гласови повеќе од кандидатската листа на советници на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, предводена од Ивана Ѓорѓиевска,  односно  СДСМ освои 11.727 гласови (25,36%), додека листата предводена од Ѓорѓиевска доби 10.267 гласови (22,20%).

Листата на кандидати за советници коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Елена Доцевска Божиновска има освоено 8.807 гласови или 19,04%.

Следува ДУИ чија кандидатска листа предводена од Арта Мехмети Адеми, има освоено 5.060 гласови, односно 10,94 проценти од гласовите.

 

Коментари

коментар(и)