Со годишен концерт во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, културно -уметничкото друштво „Српски вез“ деновиве одбележа 12 години од своето постоење.
„Српски вез“, како и претходните години и за дванаесеттиот роденден подготви богата културно-уметничка програма.
Во преполната сала пред публиката, културно-уметничкото друштво се претстави со седум свои фолклорни групи, оркестарот, етно- групата и пејачката група. Исто така, премиерно беа изведени четири нови кореографии, еден комплет нови народни носии од околината на Лесковац, Р. Србија и еден комплет оригинални народни носии од кумановскиот крај.
Како специјални гости на концертот во програмскиот дел настапија ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија, како и КУД „Симонида“ од Косово и Метохија.
На одбележувањето на роденденот во Куманово присуствуваа и потпретседателот на Владата на Македонија Иван Стоилковиќ и министри од Владата на Република Србија, Никола Селаковиќ, Ѓорѓе Миличевиќ и Владимир Кокановиќ.
Во своето обраќање, претседателот на КУД „Српски вез“ Далибор Китановиќ меѓу останатото, истакна:
„КУД „Српски вез“ му е потребен на нашиот град бидејќи стана симбол на зачувување на српското и културно-историско наследство, на зачувување на српскиот јазик, српскиот идентитет, пример на заедништво, пример на длабока соработка со братскиот македонски народ и со останатите заедници кои живеат во Куманово и пошироко. „Српски вез“ ќе продолжи да работи во таа насока бидејќи секогаш нашата крајна цел е да ги зачуваме вистинските вредности и да ги научиме децата дека не е само важно да се игра, туку и да се создаваат нови пријателства, да се градат нови искуства и да бидат подобри луѓе кога ќе излезат од овде“, кажа Китановиќ.
„Особено ми е задоволство што вечерва стојам овде, во градот кој со децении е симбол на нашето постоење, заедништво и култура. Кога едно културно-уметничко друштво ќе опстане повеќе од една деценија тоа не е само традиција, тоа е доказ, пред се на љубовта, истрајноста и вербата во она што сме. „Српски вез“ со својата работа покажува дека српскиот дух и српската песна не се мерат со граници туку со срце“, кажа Ѓорѓе Миличевиќ, министер во Владата на Р.Србија задолжен за координација, активности и мерки во областа односи со дијаспората.
„И денеска како директор на Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот и пошироко сум со вас, еднакво посветен во зачувување на она што сите заедно не поврзува – љубовта кон Србија и кон нашиот народ, без разлика каде и да живее“, истакна Владимир Кокановиќ, директор на Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот и пошироко во Министерството за надворешни работи на Република Србија.
„Она што е заедничко за Србите и Македонците е што нашите ора и нашите песни никогаш не сме ги чувствувале како туѓи, туку со радост ги прифаќавме, ги пеевме, ги игравме. Нема свадба, ниту во Србија, ниту во Македонија каде што не се заиграло нешто или запеало од другиот народ затоа што тоа ни пробудува чувства. Јас сум уверен дека вечерва „Српски вез“ ќе пробуди многу чувства, а Министерството за култура при Владата на Република Србија ќе продолжи да го поддржува КУД „Српски вез“ да расте, да се развива. Кога започна со работа, во „ Српски вез“ членуваа само 14 деца, а сега се над двеста“, кажа Никола Селаковиќ, министер за култура во Владата на Р. Србија.
КУД „Српски вез“ има повеќе од двеста членови кои што преку активностите ја негуваат српската култура и традиција на најдобар можен начин во Куманово, но и надвор од границите на Македонија.
Инаку, поради големиот интерес за овој концерт, организаторите најавуваат уште една реприза на концертот во ноември годинава.