Претставници на Бригадата на Југоисточна Европа – СИБРИГ која е стационирана во касарната „Боро Менков“ во Куманово денеска донираа дефибрилатор на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Станува збор за медицинско помагало кое му дава електричен шок на срцето, за кое се смета дека се користи за време на срцев удар познат и како апарат за електрошок кај луѓето. Донацијата ја предаде командантот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), бригаден генерал Билбил Битри.
СИБРИГ повеќепати во изминатите години донираше на установи во Куманово.
-Ние можеби не можеме да направиме се за секого, но можеме да направиме нешто за некого и токму поради тоа сме денес тука како претставници на СИБРИГ за возрасните луѓе кои што престојуваат во Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Ние сме тука даваме една мала донација денес и како што рекла и самата Мајка Тереза, доколку не можете да направите некоја голема работа направете некоја мала работа, но со многу љубов и тука се претставници на шесте држави од СИБРИГ кои го донираа дефибрилаторот за корисниците на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Искрено посакуваме никогаш да не треба да се искористи овој апарат, но доколку навистина биде неопходно ќе ви биде на располагање, изјави бригадниот генерал Билбил Битри.

– Се надевам дека во идина ќе продолжи нашата добра соработка, веќе поразговаравме со генералот на таа тема и исто така се надевам дека во 2025 година домот ќе чекори на патот на развојот и унапредување на квалитетот на услугата што ја нуди на граѓаните на Куманово, изјави Стојановски.
