ВИДЕО: Отворен фестивалот „Денови на комедија 2021“

Со претставата „Партија реми“ во изведба на Драмски театар од Скопје се отвори 24-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2021“ во Центарот за култура. Љубителите на театарската уметност годинава ќе можат да погледнат девет претстави од театрите низ Македонија и регионот. Интересот за билетите секоја година е голем, меѓутоа согласно епидемиолошките мерки дозволено е само 30 проценти исполнетост на салата.

-Во еден позитивен дух ја започнавме оваа фестивалска година Денови на комедија, со Драмски театар навистина и ние сме воодушевени публиката исто така, имавме одлична претстава прием кај публиката и се надеваме дека и сите останати фестивалски денови ќе поминат во убаво расположение- изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.

На фестивалот по трет пат беше доделена наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во развој на театарската уметност во Куманово и Македонија. Годинава признанието го доби актерката Стојна Костовска која голем дел од својот работен век минала и во Куманово.

-Како може да не е значајно за еден артист да добие награда Васил Иљоски во Куманово. Јас сум пресреќна, немам зборови, вечерва се чувствував како кралица, секогаш сум била скромна но вечерва не бев, мислам дека наградата дојде во прави раце, нема ми простат, но такво чувство имам. Прекрасно беше вечерва јас се изненадив многу пријатно особено колегиве сум ја гледала оваа претстава не знам колку пати, но извонредни беа вечерва, задоволство ми беше, публиката беше на ниво-наведе таа.

Претставата „Партија реми“ по текстот на Доналд  ли Кобурн, а во режија на Виолета Џолева, ја изведоа актерите Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ Пановска од Драмски театар Скопје.

– Јас овде сум настапувал многупати меѓутоа сега во овие пандемски времиња не можевме да настапуваме тука, одамна нема настапувано но секогаш сум восхитен кога ќе дојдам овде затоа што знам дека кумановската публика е една од најпребирливите и најздрави публики која што знае да награди она што е вредност. Драго ми е што со нашава претстава  го отворивме овој театар на комедија кој има некакво традиционално одбележје. Се надевам дека ќе продолжи и понатаму затоа што на луѓето буквално им  треба театар, забава, да излезат од тој затворен простор кој што ги опседна сите од оваа страшна пандемија-посочи актерот Лукаревски.

Билетите за првите четири претстави се веќе распродадени, а за следните ќе бидат пуштени на 1-ви октомври. Фестивалот „Денови на комедија“ традиционално се одржува со поддршка на Министерството за култура од чиј буџет се издвоени 700.000 денари, како и општина Куманово со 300.000 денари.

Коментари

коментар(и)