(ВИДЕО) Српската заедница го искористи правото на глас, се гласаше и во Куманово

Српската заедница во земјава го оствари правото на глас за претседателските и парламентарни избори на Србија.

За прв пат покрај во амбасадата во Скопје, гласањето се спроведе и во Куманово, општината кадешто најмногу е застапена српската заедница.

Српските државјани кои претходно се пријавиле за гласање во странство, со документ за идентификација, непречено го остваруваа своето право на глас.

-На избирачкото место 50 во Куманово до 13 часот излегоа 268 гласачи, што е 75 проценти од пријавените во избирачкиот список. Изборите поминуваат во нормална атмосфера, без неправилности и проблеми- истакна Зоран Ковачевиќ, претседател на избирачки одбор ИМ 50.

Српските државјани велат дека од изборите очекуваат напредок на земјата, мир и просперитет. Се надеваат дека ќе се обрне внимание и на дијаспората.

Гласањето на избирачкото место во Куманово се одвиваше согласно протоколите за заштита од ковид 19. Српската заедница го избира претседателот на Србија кој ќе ја води државата наредните пет години, како и пратениците во српскиот парламент.

Првичните резултати покажуваат победа во првиот круг на досегашниот претседател Александар Вучиќ. Неговата Српска напредна странка освои најмногу гласови на парламентарните избори и повторно ќе доминираат во парламентот од 250 места.

Коментари

коментар(и)