(ВИДЕО) Стабилна состојбата со ковид 19 во училиштата

Стабилна е состојбата со ковид 19 во основните и средни училишта на ниво на Општина Куманово, информираат од Секторот за образование. Од први февруари, кога започна второто полугодие евидентирани се вкупно 50 ученици инфицирани со ковид 19, како и 30 наставници. Меѓутоа бројката последниве седмици значајно се намалува.

-Првите две недели од февруари се бележеше пораст на вработени инфицирани од ковид 19, во споредба со истите резултати од почетокот на годината, но изминатата недела бројката како и на ниво на државата почна да опаѓа и учениците да се враќаат на редовна настава како и наставниците на физичко присуство.  Последнава недела бележиме и во основни и во средни училишта намалување на бројката и се надеваме дека овој тренд ќе продолжи. Мислам дека пикот во овој четврти бран помина и дека учениците полека се враќаат во училишните клупи. Добро е што веќе протоколите се почитуваат, родителите алармираат навреме, училиштата известуваат за состојбата во тек сме со инфицираните-истакна раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Од почетокот на учебната година година од први септември лани на ниво на Општина Куманово во основните и средни училишта пријавени се вкупно 233 ученици  и 67 вработени заболени од ковид 19.

-Тоа не е сериозна бројка ги немаме податоците во изминатите години 5,6 кога владееше сезонскиот грип, каде што имаше и повеќе ученици кои отсуствуваа од настава, така што ова е бројка која не е сериозна ниту толку алармантна, но мораме да апелираме повторно да се почитуваат здравствените протоколи како во училиштето така и надвор, затоа што мерките се олабавени, учениците мора да се придржуваат и наставниците кога се во училиштето и додека трае наставата затоа што здравствените протоколи се се уште на сила и се надеваме дека оваа учебна година ќе се заврши со физичко присуство, како што беше и првото полугодие-нагласи Јовановиќ.

На ниво на Општина Куманово годинава се запишани 14.800 ученици, а вкупно вработени се 1.700 лица. Функционираат 21 училиште, од кои пет се средни и 16 основни.

 

 

Коментари

коментар(и)