Денот на Републиката-Илинден одбележан во Пелинце

Со пригодна свеченост во Пелинце, се одбележа 2-ри Август, односно 73 година од Првото заседание на АСНОМ и 114 години од Илинденското востание. Пред меморијалниот центар, цвеќе положија делегации од Собранието, Владата, кабинетот на претседателот, генералштабот, Сојузот на борци, општините Куманово, Старо Нагоричане, претставници од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и останатите политички партии, како и бројни граѓани. Пред присутните се обрати вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. кој се осврна на историските моменти на двата Илиндени, нагласувајќи дека нивен сон било да се направи нешто подобро за своите граѓани, сожители, државата, истакнувајќи дека значаен датум е и осамостојувањето на државата. Тој апелираше да се гради Македонија како граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници. Посочи дека нов сон кој треба да го имаат граѓаните по Илинден, АСНОМ и по осамостојувањето на државата е градењето функционална држава, која ќе биде по урнекот на сите демократски развиени општества во светот.

-Ние мораме да направиме држава во која ќе владее правото, нема да биде тоа држава во која главните виновници и криминалци ќе бидат избегани, а луѓето ќе лежат затвор за ситни прекршоци. Тоа мора да биде држава во која ќе има економски просперитет за сите граѓани на Македонија каде нема да се делиме на домашни и странци, каде сите ќе имаме подеднаква шанса да бидеме помогнати од државата во тој економски развој и во сето тоа да обезбедиме подобра благосостојба за сите граѓани на Република Македонија“-рече вицепремиерот Анѓушев.

Според него треба да се изгради држава во која додаде ќе има образование кое ќе ги учи младите дека доблест е да се биде доброобразован, да се има претприемачки дух, да се гради за своето семејство за својата држава и од сето тоа да се заработи. Нагласи дека правењето на функционална држава, не се  прави преку оружје и војни,како што било во претходните Илиндени, туку се прави внатре во институциите на државата, со изградени системски решенија кои ќе бидат  понудени за граѓаните на Република Македонија, каде тие ќе се чувствуваат безбедно, сигурно и просперитетно. Целта рече е да се врати надежта на граѓаните во Македонија, да се вратат оние кои си заминаа надвор, и да се задржат младите, да им се врати надежта дека во Македонија можат да бидат поддржани и просперитетни.

Граѓаните кои што дојдоа од сите градови на Македонија, но оваа година во значително помал број, истакнаа дека настојуваат Илинден да го прослават во Пелинце.

Присутните имаа можност да проследат и пригодна културно уметничка програма, во која настапија хорот Злата Мегленска и културно уметничкото друштво Срма.