Екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово ноќеска по полноќ интервенирала на депонијата Краста каде што бил опожарен отпад, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ денеска соопштија дека континуирано се интервенира со нанесување на земја на опожарените локации на Краста, а вчеравечер дополнителен проблем за повторното разгорување на пожарот претставувал силниот јужен ветер.
Кумановските пожарникари во текот на изминатото деноноќие гаснеле и опожарена сува трева кај поранешниот објект на хотел Куба во село Проевце, а сува трева и нискостеблеста шума вчера горела и во липковско село Извор на површина од околу шест хектари, пишува во дневниот билтен на РЦУК.