„Инклузива“ со набљудувачи на претстојните избори

До 25 февруари е отворен повикот за набљудувачи на предвремените парламентарни избори објавен од здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“. Набљудувањето на изборите ќе биде прво мониторирање на парламентарни избори од страна на лица со попреченост во земјава. Станува збор за 72 набљудувачи со попреченост кои што ќе бидат распоредени во сите шест изборни единици , по 12 лица на гласачките места во секоја изборна единица. Заедно со тимот на „Инклузива “ изборниот процес ќе го следат околу 80 лица. Аплицирањето може да се направи преку пополнување на прашалник или преку аплицирање на е-пошта: inkluziva@gmail.com. Апликантите треба да аплицираат само на еден од понудените два начини (формулар или е-пошта), информира претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска.

-Целта на ова набљудување е да се набљудуваат и да се утврдат условите за гласање на лицата со попреченост, но ќе имаат задача да набљудуваат и се она што се набљудува од страна на другите набљудувачи. Оваа бројка постојано расте и за првпат ќе набљудуваме парламентарни избори. Започнавме со локални, референдумот, претседателските и сега парламентарните избори. Се уште трае рокот за пријавување до 25 февруари до 24.00 часот, подоцна ќе преминеме кон избор на луѓето затоа што има голема бројка на пријавени, а има и уште денови за пријавување. Селекција ќе се направи и потоа секој мора да посети дводневна обука за да им се објасни што всушност се ќе работат и како, да им се дадат насоки, но секако и пишана форма на прашалници каде што од прашалниците подоцна треба да подготват извештај и да го достават на „Инклузива“ која ќе работи на финалниот извештај од овие избори, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива “

Главните забелешки од набљудувањето на претходните изборни процеси се однесуваа на непристапноста на објектите. На последните претседателски избори утврдено е дека 76 проценти од набљудуваните гласачки места не се пристапни за лица кои што се со телесна попреченост, посочува Димитровска.

-Потоа за не користење на алатките и материјалите за поддршка на лицата со попреченост, всушност избирачките одбори воопшто не беа запознаени зошто служат, но и не беа поставени на местата каде што треба да бидат за да може едно лице да ги користи полесно да гласа, самостојно, тоа е и целта, параваните што се, не се соодветни за оваа категорија на граѓани , не се стабилни за ниту еден граѓанин, затоа баравме овојпат, ќе видиме дали тоа ќе се оствари, параваните да бидат во помала форма и да бидат поставени на цврста подлога  односно на клупите или масите на гласачкото место. Со ова набљудување ги утврдуваме сите неправилности на гласачките места , но и ја разгледуваме правната рамка која се однесува на изборните процеси. Дадовме низа забелешки, но дадовме и иницијатива за измени во Изборниот законик каде што не радува што во измените што се направија пред распишување на овие избори, овојпат ќе добијат право да гласаат луѓето кои се во установи за вонсемејна заштита, тоа е голема бројка, тука ќе гласаат луѓето кои се наоѓаат во старските домови, но понатаму секако ќе гласаат и лицата кои се во згрижувачки семејства и други форми на вонсемејно згрижување, изјави Димитровска.

Мониторингот на изборите организиран од страна на здружението „Инклузива“ се спроведува со поддршка и во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер, во рамки на регионалниот проект „Иницијатива за демократија на Западен Балкан“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)