Тасевска: Куманово го доби заслуженото место, обезбедивме низа проекти

На крајот на мај или почетокот на јуни треба да започне реконструкцијата на Спорската сала и Соколана, а за два месеци и санацијата на кумановскиот театар, посочи при гостувањето во емисијата СТАВ пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска, која нагласи дека за овие 2,5 години градот го добил заслуженото место.

Куманово за овие две и пол години го доби заслуженото место, посочи при гостувањето во емисијата „СТАВ“, пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска, нагласувајќи дека градот од кој што потекнува, бил заборавен од претходната власт. Таа потенцираше дека на крајот на мај или почетокот на јуни, треба да започне целосната реконструкција на спортската сала и Соколана, откако Владата одвои околу 600.000 евра за оваа намена. Објектите за кои што веќе се изработуваат проекти, претходно и беа вратени на општината.

За два месеци како што тврди Тасевска, треба да почне и реконструкцијата на кумановскиот театар, која ќе се одвива во неколку фази, а Куманово по низа години ќе добие културна установа каква што заслужува. Пратеничката од редовите на СДСМ дополни и дека  се работи на гасификација на општата болница и полициската станица.

 -Имам контакти со претпоставените од овие две институции и знам дека сите потребни проекти се направени, урбанистичките согласности кои што требаше да ги добие општата болница за да добие гасификација, се чека дозвола за изградба на гасната котларница, потоа Министерството за здравство ќе распише тендер и процесот на гасификација би требало да заврши за неколку месеци, на општо задоволство и на вработените но и на сите наши сограѓани. Во процедура е и гасификација на полициската станица и одлуката за овие две установи навистина е многу важна, освен што тоа значи директна борба против аерозагадувањето значи и подобри услови за вработените, пациентите, сите граѓани кои што добиваат услуги од овие установи-истакна таа.

Тасевска потсети и дека за овој период од 2,5 години беа обновени и сите регионални патишта кои што гравитираат кон Куманово.

-Тоа се патишта во должина од над 112 километри кои што беа заборавени 40 години, тоа е многу долг период кој сам по себе зборува дека Куманово за жал многу пати беше одминувано од капиталните проекти и инвестиции што не е случај за овие две  и пол години. Тоа е се тие патишта кои што се важни, кои што го олеснуваат животот на нашите сограѓани, кои патуваат, но и за оние граѓани од другите градови кои доаѓаат и имаат потреба да престојуваат во нашиот град-нагласи таа.

Во реконструкцијата беа опфатени патните правци Куманово- Опае, Куманово-Никуштак, Младо Нагоричане- Пелинце, Ропаљце-Липково-Матејче.

Коментари

коментар(и)