„Активно работиме на реконструкција на музичкото училиште „Панче Пешев“, како и зголемување на неговата енергетска ефикасност и функционалност“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Според објавата, во тек е поставување на нова енергетско-ефикасна фасада, реконструкција на кровниот покривач и поставување на нови ПВЦ прозорци во објектот.
Реконструкцијата е дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, финансиран од Кралството Шведска и Општина Куманово, а имплементиран од УНДП, со фокус на подобрување на квалитетот на воздухот и унапредување на енергетската ефикасност. Инаку, за првпат од неговата изградба во 1946 година, целосно се реконструира училиштето „Панче Пешев“ со што по долг временски период објектот ќе добие целосно нов лик и подобри услови за работа. Реконструкцијата започна во мај годинава, а учениците до крајот на учебната година, настава следеа во просториите на ООУ „Вук Караџиќ“ .