Успешен Оперативниот план за активни програми и мерки за 2019-та

152 работодавачи биле вклучени во мерката практиканство од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019-та , а 194 невработени лица се стекнале со практични искуства во одделни занимања и области. „Бројките говорат дека гледано поединечно по мерки, најголем интерес лани како и претходните години имаше за мерката практиканство“, информира раковoдителката на центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска.

-Доста голем интерес постоеше и за мерката субвенционирање на плати . Со оваа мерка се креираа нови работни места во 66 фирми, односно толку работодавачи од Куманово, а беа вработени 84 лица. Во мерката – вработување и раст на правните субјекти зедоа учество 31 работодавач , а 44 лица се вработија со поддршка на оваа програма. Доста голем интерес имаше и за програмата поддршка за самовработување односно претприемништво. 74 невработени лица решија својот проблем на невработеност да го решат преку оваа мерка и се формираа 62 фирми и едно лице со посебни потреби е дополнително вработено во фирмите што се основани преку оваа програма, изјави  Марија Димитријевска, раководител на центарот за вработување во Куманово.

Кумановци минатата година пројавиле интерес и за обуките кои што редовно се спроведуваат во центрите за вработување. Во обуката за занаети биле вклучени 33 лица,  од кои што 32 успешно ја завршиле обуката. Обуката за побарувани занимања, конкретно обуката за службеник во книговодство и обуката за персонални асистенти на лица со попреченост, успешно ја завршиле  30 лица, меѓу кои имало и невработени со живеалиште во Кратово кои што ги следеле обуките, посочуваат надлежните.  

-Интерес имаше и за обука за познат работодавач во која беа вклучени 3 работодавачи и три невработени лица кои успешно ја завршија обуката и веќе се вработени во фирмите. Во програмата Општинско-корисна работа беа вклучени 31 лице како образовни асистенти на лица со попреченост кои се вклучени во редовниот процес на образование. Исто така, имавме и општинско-корисна работа финансирана од Швајцарската агенција за обнова и развој,  десет лица беа и се уште се вклучени бидејќи оваа активност трае до завршување на учебната година , десет лица од ромска национална припадност се вклучени во оваа мерка и тие даваат менторски услуги на ученици Роми кои што се вклучени во редовниот процес на образование, изјави Димитријевска.

Минатата година околу 90 лица аплицирале и за учество во обука за напредни ИТ вештини, односно 27 –ина за напредни ИТ вештини, за напредни ИТ вештини со ко-финансирање 13-мина и 50 лица пројавиле интерес за воведните обуки за ИТ вештини кои што ќе се одвиваат онлајн. Надлежните дополнуваат дека 28 лица биле вклучени во јавни работи на територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

Инаку, буџетот на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019-та  изнесувал 1,3 милијарди денари, а регистрирана е  досега рекордна реализација на ниво на државата во износ од 98,6 проценти.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)