Бројката на лицата со дијабетес постојано расте. Доколку се прави скрининг за рано откривање на болеста, тогаш би се добила пореална слика за бројот на заболени пациенти од дијабетес, смета претседателот на здружението на дијабетичари од Куманово, Зоран Бојковски.
Според информациите со кои располага Бојковски, во идниот период ќе бидат набавени дополнителни бесплатни сензори за мерење гликемија во крвта кај најмладите пациенти.
Употребата на сензорите има повеќекратни придобивки. Овозможува постигнување и одржување на гликемијата во секое време, превенирање на компликации од дијабетесот, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес, а исто така се овозможува родителите да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мора да ги разбудат. Воедно, системите алармираат и превенираат акутни состојби кај дијабетесот како хипогликемија и хипергликемија. Сензорите се едноставни за употреба, се поставуваат на надлактицата и гликемијата се мери со електронски уред или со мобилен телефон.