ВИДЕО: Велигденски базар во ООУ „Магдалена Антова“

Во основното училиште „Магдалена Антова“ денеска по повод големиот христијански празник Велигден беше организиран традиционален Велигденски базар.

На штандовите во дворот на училиштето, по симболична цена секој посетител имаше можност да си купи од креативно изработените велигденски украси, рачни изработки, но и празнично подготвени колачиња. Базарот беше посетен и од месното население.

„Учениците со своите наставници изработија креативни изработки и слатки велигденски задоволства. Производите се продаваа по симболична цена и собраните средства ќе бидат наменски искористени според планот на Ученички парламент. Настанот беше поддржан и посетен од страна на учениците, родителите и локалната заедница“, изјави Маријана Димитриевска, заменик директор на ООУ „Магдалена Антова“.  

Училиштето секоја година организира Велигденски и Новогодишен базар, кои што масовно се посетени од учениците, наставниците, родителите, но и локалната заедница, а собраните средства се наменуваат за потребите на учениците.

Денешниот Велигденски базар е во пресрет на Велики четврток.

Главен обичај што се практикува на овој ден и со посебно внимание е бојадисувањето на велигденските јајца во црвена боја рано наутро пред да изгрее сонцето. Според народните обичаи, најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на добитокот и бериќетот.

Петокот пред Велигден се смета за најтажен ден во христијанството, бидејќи тој ден Исус Христос бил осуден и распнат на Голгота во Ерусалим. На Велипеток сите постат, па дури и тие кои инаку не постат цел Велигденски пост.

Во чест на Велигден во сите цркви и храмови се служи литургија, по претходно утврден распоред.

Велигден секогаш се паѓа во недела, а еден од најрадосните и најубавите обичаи за големиот христијански празник е кршењето со јајца.