Временото затворање на затворениот градски базен поради енергетската криза, и подолгата пауза, може негативно да се одразат врз учениците, рекреативците и спортистите, констатираат спортските работници.
Наставникот, Југослав Спасиќ кој е и претседател на Здружението на спортски педагози, како и дел од пливачки клуб, укажува дека наредниве месеци ќе биде тешко да се одржат во форма пливачите. Нагласува дека сепак тренерите и клубовите мора да најдат начини и да продолжат со тренинзите, за да подоцна не дојде до одредени повреди кај дечињата.
-Имаме стручни тренери, сите се наставници по физичко и здравствено образование имаат капацитети и ги охрабрувам да го продолжат тренажниот процес во фитнес центрите и теретаните со овие дечиња со кои можат да работат за да одржат нивниот физикус, да работат на нивната сила, да користат реквизити кои ќе ја одржуваат техниката на пливање, да работат истегнување, зголемување на мобилност на зголобовите бидејќи по отворањето на базенот и враќање на пливање може да се случи не само болести туку истегнувања, повреди кои пак ќе ги отргнат пливачите, спортистите и учениците од базенот и со тоа полека да опаѓа интересот-истакна Спасиќ.
Спортистите предлагаат и доколку постои можност општинскиот сојуз на спортови да одвои средства, со кои би ги стимулирал клубовите за набавка на неколку справи, наменети за пливачките техники. Дополнително за дечињата со попреченост и нивните семејства, Спасиќ предлага да се обезбедат карти за спа центри, во кои овие месеци додека не функционира базенот, би продолжил нивниот рехабилитациски процес.
-Тие граѓани сигурно ќе бидат затекнати веќе во последно време семејствата со дечиња со попречености го користат овој базен. Сите заедно на инклузивно пливање што навистина многу придонесува и е значаен како еден објект без оглед на неговите обврски и трошоци што ги носи. Би било добро доколку има конференциски сали или објекти каде што се затоплува и се држат состаноци во слободни термини клубовите да можат да ги искористат за теоретско знаење, учење на техниките од друга перспектива, за добра правилна, спортска исхрана, дишења, да ги продлабочат своите знаења и од една непријатна состојба да бидеме мудри, одржливи и да направиме уште поголема корист-нагласи тој.
Затворениот градски базен досега го користеа осум клубови во кои работеа до 30 наставници, инструктори, спортски тренери. На неделно ниво базенот го посетуваа до 300 рекреативци.