ВИДЕО: „За наше Куманово“: Имаме план и визија за развој на општината

Нови катни гаражи, пет кружни текови, изградба на велосипедски патеки, но и затворање на дел од улиците во централното подрачје и нивно претворање во пешачки зони, најавуваат од  граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Кандидатот за советник, Стефан Петковски најави изградби на катна гаража во близина на градскиот плоштад, како и подземна со голем капацитет на локацијата Чоробенско ќоше, во рамки на нова општинска зграда.

-Ќе изградиме 5 нови кружни текови на клучни локации, на крстосницата помеѓу улиците „Бајрам Шабани“ булевар Трета Македонска ударна бригада и улицата Гоце Делчев. На крстосницата помеѓу булевар Октомвриска револуција и булевар Трета МУБ, на крстосницата помеѓу булевар Октомвриска револуција, улица Доне Божинов (макпетрол), на крстосницата помеѓу булевар Трета МУБ и улица Тоде Мендол (градски пазар), и кружен тек на раскрсница помеѓу булевар Октомвриска револуција и улица Видое Смилевски Бато (влез во Проевце)-нагласи Стефан Петковски, кандидат за советник независна листа „За наше Куманово“.

Во програмата на иницијативата За наше Куманово е предвидено и воведување на пешачки зони во две фази, на дел од улиците Илинденска и Маршал Тито и на дел од улиците Народна револуција од раскрсницата со улица Трета МУБ до Комитет и дел од улица Ленинова.

-Секоја општина мора да има развиено велосипедска инфраструктура. Поради тоа нашите цели по локалните избори се редефинирање на постоечките сообраќајници и обезбедување на континуитет со движење на велосипед по сигурни и безбедни траси, со формирање на велосипедски прстен во две фази. Ќе го решиме проблемот со паркирање преку поставување на модуларни еднократни паркиралишта на локација Берза, на влез во Куманово долж згради на булеварот Октомвриска револуција во близина на комплексот згради К4 и К5-дополни Петковски.

Како приоритет во подобрување на сообраќајната инфраструктура е реконструкција и изградба на тротоари, ослободување на постојните од паркирани возила со метални столпчиња и дополнителна урбана опрема. Планирани се и средства за успорување на сообраќајот на повеќе локации во градот во близина на училиштата, дополнуваат од иницијативата За наше Куманово, повикувајќи ги граѓаните на 17-ти октомври да им дадат поддршка бидејќи имаат план и визија за развој на општината.

Коментари

коментар(и)