„Овој ден не е само потсетување на еден историски датум. Тој е симбол на слободата, храброста, пожртвуваноста и непокорот на генерациите кои ја испишаа историјата на нашиот град, ден кога со достоинство и почит се сеќаваме на сите оние, кои се бореле за слободно Куманово, за подобар живот и за иднината на поколенијата што доаѓаат“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Куманово што се одржа во Занаетчискиот дом.
„Најголемата вредност на нашиот град е почитувањето на различностите и способноста заедно да соработуваме за подобар живот на граѓаните“ , кажа претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска.
Присутните имаа можност да проследат и видео презентација за остварените средби, активности и реализирани проекти на градоначалникот Димитриевски, јавните претпријатија од градот, како и достигнувањата во областа на културата и спортот.
На свечената седница беа доделени и признанијата на годинешните добитници на Ноемвриска награда, Шенаси Јусуфи, лекар специјалист по педијатрија и неонатологија, Бошко Тасиќ, спортски новинар, Марина Цветановска – Мартиновска, ликовен уметник и педагог, Стојанка Стојковиќ, претприемач во пензија, културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“, друштвото за градежништво и услуги „Урбанинг“ ДОО Куманово и спортскиот кик бокс клуб „Предатор“ – Куманово. Во името на сите добитници за укажаната почит од Општина Куманово се заблагодари Марина Цветановска Мартиновска.

И годинава градоначалникот Димитриевски додели благодарници на поединци и правни субјекти кои се истакнуваат во своите професии, како што се основното училиште „Вук Караџиќ“ кое успешно опстојува 80 години, Дејан Илиевски, долгогодишен командир на ТППЕ Куманово и планинарското здружение „Козјак 2013“, а постхумно благодарници беа доделени за основачот на џез фестивалот во Куманово Филип Стевановски, истакнатата поранешна ракометарка Јасмина Голубовиќ и наставникот по физичко и здравствено образование, истакнат спортски работник Димитар Антевски.
Свеченоста беше збогатена и со настап на балетското студио „Ултра“ од Куманово.