Во градот ќе се отвори средно стручно училиште

Приватно средно стручно училиште САБА во септември ќе се отвори во градот. Кумановци ќе имаат можност да се одлучат за насоките бизнис, администрација, информатика и туризам. САБА постои веќе 10 години во Скопје, а од пред неколку години и во Битола и Штип. Наставата се одвива на македонски јазик, а се работи во мали групи од 10 до 15 ученици.

-Она по што се разликува САБА од државните училишта е тоа што за разлика од државните каде што во една учебна година учениците учат по 12-13 и повеќе предмети во САБА наставата е концентрирана на 6 до 7 предмети годишно. Тие предмети се од областа на насоката која ќе ја одбере ученикот. Ако некој сака да учи насока информатика покрај задолжителните предмети учи  само предмети од област на информатиката, ако сака бизнис или економски смер, учи само од областа на економијата. Не се учат предмети кои не се потребни за тие насоки. Ученикот се концентрира и го учи она што сака уште од прва година средно-истакна Ангела Неновска, координатор училиште САБА.

Од средното приватно училиште истакнаа дека се уште не е утврдена локацијата во Куманово. Додадоа дека предност кај нив е и практичната настава.

-Учениците задолжително одат на пракса во компании, за да видат како практично се работи она што се учи за време на часовите. Оние ученици кои што се насока, правен смер на пример одат на пракса кај нотар, извршител, адвокати, или оние кои се на насока информатика одат на пракса во дизјан студија или информатички компаниии. Тоа е пракса која се организира во градовите каде што е училиштето-додаде Неновска.

Покрај тоа учениците имаат можност да одат на пракса и надвор од државата.

-Секоја година се организираат двонеделни пракси во неколку  европски држави оваа година имаме групи на ученици кои беа на пракса во Италија, Германија, Португалија, Шпанија таму имаат можност преку Еразмус програмата да одат и да работат во компании во зависност од насоката која ја учат. Тоа е можност која е животно искуство за сите ученици, покрај наставата која редовно ја следат во училиштето, имаат и една ваква несекојдневна можност-нагласи таа.

Инаку САБА започна со промоции во основните училишта во градот. Школарината за една учебна година за уписи до први мај чини 1500 евра, а може да се плаќа на шест до 12 месечни рати. Заинтересираните имаат можност да аплицираат за добивање стипендии, а за подетални информации може да се информираат од веб страницата на училиштето.

 

 

 

Коментари

коментар(и)