Во населбите и селата сметот ќе се изнесува по нови цени

По нови цени ќе се изнесува сметот во приградските населби и селата, одлучи јавното претпријатие Чистота и Зеленило, а одлуката ја изгласа Советот на Општина Куманово. Како што објаснуваат надлежните, новиот начин на наплата се наметнал, бидејќи бројни граѓани кои живеат во помали објекти, имале забелешки дека плаќаат исто како и семејства со домови над 200 квадрати. Имено со измените, наместо паушал од 182 денари, граѓаните ќе плаќаат по 2 денари за квадратен метар станбена површина до 120 квадрати.

-Ние како јавно претпријатие се обидовме да најдеме начин како да ги ставиме граѓаните во рамноправна положба, односно сметот, сметките за ѓубрарина да имаат поеднаков третман во однос на количината на изнесување на сметот и донесовме одлука да ставиме цена од два денари за изнесување на смет вон градежен реон, по метар квадратен, таа цена е дупло помала за разлика од што граѓаните во моментов за плаќаат за градежен реон, а се базира врз основа на тоа што и сметот во овој дел од градот се изнесува само еднаш неделно-истакна Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“.

Стојчевски објасни дека со корекцијата на цените, оние станбени единици кои имаат помала површина, ќе плаќаат помала цена од отврдениот паушал од 182 денари, додека домовите кои користат поголема површина максимално 120 квадрати, би плаќале цена од 240 денари плус ДДВ.

-Се надевам дека граѓаните ќе наидат на разбирање за оваа мерка, бидејќи станува збор за ставање во рамноправна положба во однос на оние плаќачи кои живеаат во градежен реон, со оние кои живеат вон градежен, бидејќи сметката ќе им биде за половина помала, исто така станува збор за ставање во рамноправна положба и на самите граѓани кои живеат вон градежниот реон-дополни тој.

Директорот на јавното претпријатие е оптимист дека во наредниот период јавното претпријатие ќе може да обезбеди дополнителна опрема и ресурси, за да и граѓаните кои што живаат во приградските населби и селата, ја добијат истата услуга како и оние во централното градско подрачје, односно сметот да се изнесува два пати неделно.

Коментари

коментар(и)