Во тек е повикот за субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, што подразбира добивање на месечен паричен надоместок од 2.400 денари за 9 месеци во годината. Рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август. За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.

На повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се наши државјани. Апликантите треба да

-не се во редовен работен однос;
-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Финансиската поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден во месецот, освен за државни, верски празници и неработни денови, не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.

Според пресметките, со ова системско решение кое е дел од програмата за работа на Владата и на МОН и со кое значително се унапредува студентскиот стандард, ќе бидат опфатени 40.000 студенти, за што, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра. Студентите ќе можат средствата да ги користат за купување на добра и услуги кај сите трговци.

 

 

 

Коментари

коментар(и)