Димитриевски: Не ветив градинка во Карпош!

„Максим Димитриевски нема ветено изградба на детска градинка во населбата Карпош, но има намера да направи или барем да адаптира таков простор“ , рече на денешната седница градоначалникот на Куманово, одговарајќи на прашањето на советникот од ВМРО ДПМНЕ, Сашо Стошевски, кој посочи дека во повеќе предизборни циклуси на граѓаните им е ветена изградба на градинка. Стошевски смета дека дел од објектите на поранешната касарна, кои што се во владение на „Македонски шуми“  можат да бидат реконструирани и пренаменети доколку општината ја преземе  надлежноста.

– Постојат објекти во т.н. долна касарна на улица 120. Дали може тие објекти да ги преземе општина и на таа локација да изгради градинка, пензионерски клуб и канцеларија за работа на урбаната заедница. Станува збор за шест простории  на површина од над 600 метри квадрати, а се оставени на забот на времето, рече Сашо Стошевски, советник

Градоначалникот Димитриевски потенцираше дека два пати досега писмено побарале од Македонски шуми објектот да и биде преотстапен на Општина Куманово, но одговор не добиле. Во врска со објектот, Димитриевски рече дека е идеален простор за било каква намена, но претходно треба да се реконструира и прошири улицата 120 за полесен пристап до објектот. Најголема пречка , според градоначалникот е тоа што Карпош е надвор од планскиот опфат, а за да се гради, реконструира и планира било што треба да биде содржано во урбанистичкиот план на Општина Куманово, што не е случај со оваа населба.

-Урбанистичкиот план за населба Карпош беше своевремено усвоен од Совет на Општина  Куманово , мислам дека во 2013-14 со одлука на Владата истиот беше ставен вон сила и поништен и затоа денеска не можеме  да издаваме никаква урбанистичка документација за било каква градба во оваа населба. Денеска има состојба ова место да е вон планскиот опфат и треба да биде третирано како село, со што не се согласувам, рече Максим Димитриевски, градоначалник  

Карпош се соочува со сериозни комунални проблеми, нема подземна, а во најголем  дел ниту надземна инфраструктура, посочува Димитриевски, потенцирајќи дека за реализација на целосната инфраструктура потребни се повеќе од  100.000 евра.

-Во општината се водат повеќе од 20.000 предмети за дивоградби, и во претходниот период нема потпишано ниту едно решение за одбивање на дивоградбите. Формиравме дополнителна комисија да провери дали тие објекти биле изградени пред или после 2011 –та година. Се чека новиот  закон за легализација на диво изградени објекти  и за сите изградени објекти по 2011-та година  граѓаните според новиот закон ќе имаат обврска да платат двојни давачки од предвидените нови давачки ако сакаат да го легализираат објектот, рече Димитриевски.

Градинка во Карпош нема да се гради, но во осумгодишната реализација во програмата на Димитриевски е посочено дека ќе се изгради нова детска градинка, мултиетничка на локацијата Бајрам Шабани , ќе се догради постоечкиот капацитет, поранешниот Дом на пионерите и како што кажа Димитриевски на денешната седница , веќе е потпишан договор со министерството  за труд и социјална политика за доградба на постоечката градинка кај Градскиот стадион.

Коментари

коментар(и)