Едукација во рамките на проектот „ За занаетите со младите“

Во рамки на проектот „За занаетите со младите“, етнологот Мартин Наковски организираше едукативна посета на традиционалниот коларски занает, реализирана заедно со последниот коларски мајстор-занаетчија Александар Крстевски, објави Музеј Куманово.

Според објавата, учениците од ООУ „11 Октомври“ – Куманово имаа можност одблиску да се запознаат со техниките, алатите и процесите на изработка на дрвени делови за возила, кои претставуваат важен дел од нашето културно наследство.

Преку непосредна демонстрација и разговор со мајсторот, младите дознаа повеќе за значењето на занаетот во минатото, неговата улога во секојдневниот живот и предизвиците со кои се соочуваат ретките занаетчии што го практикуваат денес. Активноста имаше за цел да го поттикне интересот кај учениците кон традиционалните занаети и да придонесе кон нивното зачувување за идните генерации.

Во рамките на проектот, Наковски организираше едукативна посета и на традиционалниот сарачки занает во с. Опае. Учениците имаа можност одблиску да се запознаат со процесот на изработка на кожни предмети, алатите што ги користеле мајсторите, како и со значењето на овој речиси исчезнат занает во нашето културно наследство.